Белгија денеска е целосно парализирана од 24-часовниот генерален штрајк, последен од серијата штрајкови организирани од трите најголеми синдикати – Конфедерацијата на христијанските синдикати (ЦСЦ/АЦВ), Генералната федерација на трудот (ФГТБ/АБВВ) и Конфедерацијата на либералните синдикати (ЦГСЛБ/АЦЛВБ). Штрајкот е протест против социо-економските реформи на Федералната влада, кои, според синдикатите, ги намалуваат пензиите, ги ограничуваат правата на работниците и го зголемуваат даночниот товар.
Иако вообичаено се организира марш низ Брисел, оваа година протестите се одржуваат низ целата земја преку блокади и собири. Покрај јавниот сектор, кој штрајкува веќе трет ден, денеска масовно се приклучија и работници од приватниот сектор.
Утрово синдикални активисти ги блокираа приодите кон најголемото белгиско пристаниште во Антверпен, попречувајќи го движењето кон објектот. Полицијата пријави инцидент на една блокада, каде биле физички нападнати двајца велосипедисти, по што демонстрантите дозволиле заобиколен пристап. Блокадите беа укинати попладне.
Во образованието штрајкуваат над 25.000 вработени, а неколку стотици работници од културата протестираа пред комплексот „Кунстберг“ во Брисел. Во Гент, најмалку 450 работници ја блокираа фабриката на хемиската компанија „Амкор“, целосно запирајќи го производството.
Околу 100 демонстранти протестираа пред седиштето на Федерацијата на услужни компании Федергон, незадоволни од новите пензиски мерки, за кои синдикатите тврдат дека најмногу ги погодуваат жените со скратено работно време. Активисти ја блокираа и канцеларијата на владејачката партија Реформско движење (МР) во Намур.
Штрајкот го зафати и приватниот сектор – блокади и прекини има пред супермаркети, како и во компаниите Де-Ха-Ел, УПС, „Икеа“ и други.
Воздушниот сообраќај е речиси целосно запрен – сите летови од „Зевентем“ се откажани, а аеродромот „Брисел Југ-Шерлероа“ е целосно затворен. Сериозни нарушувања има и во железничкиот и јавниот превоз, додека комуналните служби не работат.
Истражувачкиот центар „Агорија“ проценува дека околу една четвртина од белгиската работна сила учествува во штрајкот, што резултира со пад на продуктивноста од 48 проценти. Индустријата претрпела најголеми загуби со пад на производството од 57 проценти, додека дигиталниот сектор е најмалку погоден со околу три проценти загуби.
Генералниот штрајк завршува на полноќ.























