Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, постхумно му ја додели титулата Херој на Украина и Орденот Златна ѕвезда на пилотот на борбениот авион Ф-16, полковник Максим Јурович Устименко, кој загина за време на голем руски ракетен и дронски напад.
„За лична храброст и јунаштво покажано во одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на украинската држава, како и за несебично служење на украинскиот народ, со овој декрет наредувам: полковник Максим Јурович Устименко постхумно се одликува со титулата Херој на Украина и Орденот Златна ѕвезда“, се наведува во претседателскиот указ.
Авион Ф-16, со кој управувал 31-годишниот Устименко, бил соборен во текот на масовен напад во ноќта меѓу сабота и недела, при што биле лансирани повеќе од 500 ракети и дронови од страна на руските сили. Според украинската армија, пилотот успеал да го оддалечи авионот од населено место, но немал време да се катапултира.
„Максим Устименко загина бранејќи го нашето небо и нашиот народ. Тој се бореше уште од почетокот на Антитерористичката операција и управуваше со четири различни типови авиони, постигнувајќи значајни резултати за Украина“, изјави Зеленски, додавајќи дека е „болно да се изгубат луѓе како него“. Тој изрази сочувство до семејството, пријателите и соборците на Устименко.
Претседателот Зеленски утрото по несреќата нареди детална истрага за да се утврдат сите околности под кои дошло до загинувањето на украинскиот пилот.