УТРО.мк

Србија на нозе: Барикади, масовни протести и блокади низ повеќе градови по апсењата на студенти и активисти

Србија на нозе: Барикади, масовни протести и блокади низ повеќе градови по апсењата на студенти и активисти
Vero

По масовниот протест организиран по повод Видовден, ситуацијата во Србија дополнително ескалира. Протестите кои започнаа во Белград се проширија и во други градови, откако полицијата приведе десетици граѓани, вклучително и студенти и активисти, што предизвика бран граѓанска непослушност.

На улиците излегоа граѓани во Сремска Митровица, Чачак, Суботица, Зajeчар, Суботица и Сомбор, а особено драматично е во Нови Сад и Белград. Во Нови Сад студентите најавија целосна блокада на градот, додека во Белград се поставуваат барикади во неколку делови: Борча, Нов Белград, Вождовац и Земуни.

Во Сомбор, Зajeчар и Суботица се блокирани главните патишта, додека во Смедерево демонстрантите поставија шатори пред седиштето на Српската напредна странка (СНС), како реакција на апсењата на граѓани кои учествувале на вчерашниот протест во Белград.

Особена реакција предизвика апсењето на студентот Д. С. од Филозофскиот факултет во Ниш, кого, според сведоци, го однеле лица во цивил без да се претстават или да дадат објаснување за приведувањето. Настанот предизвика остри реакции на социјалните мрежи, особено кај неговите колеги и академската заедница.

Пред Палатата на правдата во Белград се собраа граѓани и студенти кои бараат ослободување на приведените. Присутните скандираат „Пуштете ги сите“ и „Вучиќу, оди си“, додека дел од протестот го поддржаа и политичари од опозицијата, вклучително и претседателот на Демократската партија, Срѓан Миливојевиќ.

Министерството за правда на Србија издаде соопштение во кое ги демантира тврдењата дека приведувањата биле извршени од „парадржавни структури“, нарекувајќи ги овие информации злонамерни и неосновани. Тие апелираа до граѓаните да не наседнуваат на дезинформации и предупредија организаторите на протестите дека ќе сносат одговорност за ширење лажни вести кои можат да предизвикаат паника и нарушување на јавниот ред.

И покрај апелите од властите, протестите продолжуваат и се закануваат со натамошни блокади и демонстрации низ целата земја.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран