Со почетокот на летната сезона, повторно се актуелизира старата дебата – дали храната на Јадранот е прескапа? Додека некои странци, но и Хрвати, се жалат на високите цени, хрватскиот блогер Јадранко Ходак, познат како Блогер Круле, во видео објава на „Фејсбук“ изрази спротивно мислење.
Тој раскажа искуство од ресторан во Сукошан, каде што за порција пржени јадрански лигњи платил 24 евра, а за големо точено пиво – 4 евра. Според него, тоа не е прескапо.
„Тоа се вистински јадрански лигњи, не се смрзнати. И помфритот е домашен, рачно сечен, не е замрзнат. Тоа чини 24 евра. Пивото е ладно, како што треба. Дали е скапо? Не е“, вели Круле.
Тој додаде дека странците честопати јадат многу поскапо и полошо, а овде добиваат свежа храна во убава околина.
„Ова е Јадранот, не е езеро или поток. Ова не е само храна – ова е доживување“, рече блогерот.
Неговата објава предизвика поделени реакции – дел од коментарите ја поддржаа неговата гледна точка, додека други посочија дека за едно семејство, еден таков оброк може да чини и над 100 евра.
„На крајот, се зависи од перспектива. Некому 24 евра се премногу, а некој ќе каже – евтино е, особено кога ќе споредиме со скандинавските земји“, напиша еден од корисниците.
Сепак, видеото на Блогер Круле ја отвори старата, но секогаш актуелна тема: колку чини летувањето на Јадранот – и дали навистина е прескапо, или едноставно – вреди за тоа што се добива?