УТРО.мк

Алиу најави нови 300 места за приватни специјализанти и реформи во „Мој Термин“

Алиу најави нови 300 места за приватни специјализанти и реформи во „Мој Термин“
Vero

Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција најави дека наскоро ќе бидат објавени дополнителни 300 слободни места за специјализација, наменети за кадри од редот на приватните специјализанти, согласно реалните потреби на здравствениот систем.

– Ние набргу ќе отвориме уште 300 слободни места за специјализанти, во профили од кои навистина имаме потреба. Немаме радиолози во државата, па затоа и таму се случува пациенти да чекаат со денови за резултати за читање на слики – изјави министерот Алиу, посочувајќи дека првите 300 веќе се завршени, а новите ќе бидат објавени од наредната недела.

Министерот се осврна и на состојбата со мобилноста на кадарот во здравството, истакнувајќи дека се работи на хоризонтално прераспределување на стручните профили меѓу клиниките, но и дека досегашните политики биле водени од лични интереси, а не според вистинските потреби на системот.

Паралелно со ова, Алиу најави и реформа на системот „Мој Термин“ со цел прецизно регулирање на упатувањето на пациентите меѓу здравствените нивоа.

– Ќе имаме јасно дефинирани протоколи и индикатори за секој доктор, за да знаеме дали навистина ги нуди услугите што му се пропишани, или само ги пренасочува пациентите на повисоко ниво – изјави Алиу, додавајќи дека анализата на податоците ќе помогне да се воспостави јасна слика за човечките и инфраструктурните капацитети во здравството.

Тој нагласи дека во моментов 70 проценти од пациентите кои завршуваат на терцијарно ниво, всушност требало да бидат згрижени на секундарно.

Министерот Алиу информираше и дека продолжуваат отворените петочни средби со граѓаните во Министерството, со претходно онлајн закажување. Средбите траат по 15 минути, секој петок од 10 до 15 часот, а интересот, како што рече, е голем.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран