Од Лапонија во северна Финска до источна Полска, Европа се подготвува за најдраматичниот пресврт во својата безбедносна стратегија по Студената војна – враќање на минските полиња долж 3450 километри долга граница со Русија и Белорусија. Пет членки на НАТО – Финска, Естонија, Летонија, Литванија и Полска – го напуштаат Отавскиот договор од 1997 година, кој забранува противпешадиски мини, за повторно да го активираат тоа оружје што светот некогаш се обиде да го забрани засекогаш.
Нови одбранбени линии во сенка на руската закана
Причината за оваа радикална промена е директна: рускиот напад врз Украина и стравот дека следна може да биде која било гранична држава на НАТО. Високи европски функционери велат дека мините се нужност, не избор.
Во Литванија, која мора да брани две непријателски граници – со Белорусија и со руската енклава Калининград – владата веќе планира каде да постави мински појаси, особено околу чувствителниот Сувалки коридор. Таму, во мирниот предел на шумите, селата и малите цркви, можно е да бидат распоредени илјадници експлозивни уреди како прва линија на одбрана од евентуален руски пробив.
Шакалиене: „Реалноста се смени, Русија е егзистенцијална закана“
Литванската министерка за одбрана, Довиле Шакалиене, ја оправдува одлуката со драстично променетото безбедносно опкружување: „Русија води незаконска војна, крши меѓународно право и врши провокации на нашите граници. Тоа е егзистенцијална закана.“ Таа истакнува дека додека ЕУ државите ги уништуваа залихите од мини, Русија натрупала над 26 милиони – повеќе од која било земја во светот.
„Не можеме да останеме во стратегиски неповолна позиција. Нашите армии мора да имаат флексибилност да користат сѐ што е потребно за да нѐ одбранат“, додава Шакалиене. Литванија веќе одвоила 800 милиони евра за производство на мини, а планира да троши 5.5% од БДП на одбраната – двојно повеќе од просекот на НАТО.
Морал против нужност: крајот на една ера?
Враќањето на мините ја означува тивката пропаст на една од најуспешните глобални кампањи за забрана на нехумано оружје, која светот ја препозна преку активизмот на принцезата Дијана и поддршката на Обединетото Кралство во 1990-тите. Сега, Британија не се противи јавно на одлуките на своите сојузници.
Иако светот сѐ уште сведочи на цивилни жртви од мини – со над 2000 загинати во 2023, од кои 84% цивили, а четвртина деца – во новата европска реалност тие повторно стануваат легитимно средство за одбрана.
Прогноза: Напад до 2028 – или порано
Војната во Украина е само дел од причината за оваа трансформација. Според проценките на НАТО и литванските разузнавачи, Русија би можела да биде подготвена за нов напад врз НАТО-територија веќе до 2028 година – или и порано, ако мировните преговори со Украина неуспешно завршат и ако санкциите против Москва ослабнат.
Во таков сценарио, новата „железна завеса“ нема да биде политичка, туку физичка – со милиони мини скриени под шумите, мочуриштата и полјаните на североисточна Европа.