Европскиот воено-индустриски конзорциум MBDA го претстави новиот евтин јуришен дрон под името OWE, кој многумина веќе го нарекуваат „европски Шахид“, алудирајќи на иранските дронови кои се масовно користат во војната во Украина. Претставен на Парискиот аеромитинг, овој дрон е дизајниран да се произведува брзо, евтино и во големи количини – до 1000 единици месечно, со можност за зголемување на капацитетот.
MBDA најави дека ќе соработува со француски автомобилски производител, најверојатно Renault, со цел користење на цивилни производствени методи за намалување на трошоците и поедноставување на производствениот процес.
Евтин, ефикасен и масовен
OWE нема навигациска глава – се води исклучиво преку GPS, а како бојева глава користи стандардна артилериска граната од 155 мм, што овозможува инстантна масовна продукција со бојна глава од 40 до 50 килограми. Тоа не ја исклучува можноста за идни надградби со поефикасни експлозивни полнења или специјализирани глави.
Дроновите OWE ќе бидат дизајнирани така што ќе можат автономно да летаат според однапред поставени параметри, со можност за координирани акции во „роеви“. Исто така, ќе се лансираат од наклонета шина или мобилен лансер со помошен потиснувач, што го поедноставува логистичкиот дел.
Француски камбек на одбранбената сцена
Директорот на MBDA, Ерик Беранже, изјави дека оваа иницијатива претставува одговор на новите безбедносни предизвици и ја демонстрира адаптивноста на европската одбранбена индустрија по шокот од војната во Украина. Проектот започна во декември 2024, а првиот лет е закажан за септември 2025. Сепак, масовното производство се очекува дури од 2027 година, откако ќе се спроведат тестирања во целосен обем.
Иако MBDA сè уште нема објавено купувачи, се очекува OWE да биде тестирано од украинските сили веднаш по првите летови, со потенцијал за значителен извозен успех. Dроновите ќе служат и како средство за „исцрпување“ на противничката ПВО, активирајќи скапи ракети за евтини цели, што ги прави дел од новата тактика за пробивање на воздушна одбрана.
Овој проект, според аналитичарите, претставува знак за будење на француската одбранбена индустрија, која долги години заостануваше во брзата и масовна продукција. Соработката со автомобилскиот сектор се гледа како клуч за надминување на тие предизвици.