Украинскиот претседател Володимир Зеленски остро ја отфрли секоја можност за територијални отстапки во замена за мир, нагласувајќи дека суверенитетот на Украина е недопирлив. Неговата изјава следи по најавата за средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин, која е закажана за 15 август во Алјаска.
„Одговорот на територијалното прашање е јасно утврден во Уставот на Украина. Никој нема право да отстапи од тоа, ниту Украина ќе ѝ ја даде својата земја на окупаторот“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека Украина е отворена за реални решенија кои ќе донесат мир, но само под достоинствени и јасни услови. „Оваа војна мора да заврши, а Русија треба да ја прекине. Русија ја започна и ја одолговлекува војната, игнорирајќи ги сите рокови“, нагласи Зеленски.
Претседателот на Украина предупреди дека договорите склучени без учество на Киев ќе бидат „мртви одлуки“ и нема да донесат траен мир. Зеленски истакна подготвеност за соработка со Трамп и другите меѓународни партнери за постигнување мир што нема да биде нарушен од интересите на Москва.
Од друга страна, Трамп во својот последен брифинг порача дека мировниот договор треба да вклучува „некои размени на територии“, што го поставува предизвикот за претстојната средба со Путин.