Во скопската населба Топанско Поле, во општина Чаир, е во тек изградбата на нов училишен базен со инвестиција од 1 милион евра, наменет за наставa по пливање, тренинзи, натпревари и рекреација во текот на целата година.

Објектот ќе има површина од 620 квадратни метри и длабочина од 80 сантиметри до 1,30 метри, со армирано-бетонска основа и модерна челична конструкција, изведен според највисоки стандарди за безбедност и квалитет.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, информира дека градежните работи напредуваат со забрзано темпо и се очекува базенот да биде готов до септември, кога ќе биде ставен на располагање на учениците.

Проектот е дел од напорите за модернизација на образовната инфраструктура и обезбедување подобри услови за развој на младите.