Иако високите ирански функционери, вклучувајќи го и претседателот, потврдија дека е постигнат прекин на огнот меѓу Иран и Израел, јавноста сè уште чека на официјална реакција од врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хаменеи — личноста која има последен збор во сите клучни државни прашања.
Како што потсетува Би-Би-Си, вниманието и во Иран и на меѓународната сцена е насочено кон можната изјава на Хаменеи. Тој последен пат се појави во јавност на 18 јуни, кога беше емитувана однапред снимена порака во која го одби повикот од американскиот претседател Доналд Трамп за, како што рече, „безусловна предаја“.
Од нападот на Израел врз Иран на 13 јуни, Хаменеи не е виден во јавност. Тогаш исто така беше емитувана снимена порака, а од тогаш неговата официјална активност се сведе само на објави на платформата Х (поранешен Твитер), кои престанаа по објавата за примирјето.
Последните фотографии на кои се гледа во јавност се од 11 јуни, кога се сретна со членови на иранскиот парламент. Изостанувањето на негова изјава отвора прашања за идната насока на иранската политика и стабилноста на договорот за прекин на огнот.