Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес официјално го најави почетокот на Културното лето 2025 и одбележувањето на 70-годишниот јубилеј на општината, со вистински музички спектакл предводен од светската хаус-легенда и добитник на Греми награда – Роџер Санчез.
Настаните започнуваат утре (26 јуни) и ќе траат до 29 јуни, распоредени на две главни локации – платото пред салата „Расадник“ и просторот кај Крстот во Драчево. Првата вечер започнува во 20:30 часот со диџеј сетови на DJ Mats, DJ Ampov и DJ Dean Mickoski, а кулминацијата е настапот на Roger Sanchez, еден од највлијателните диџеи и продуценти на хаус-сцената.
„Сè е подготвено за почеток на културното лето какво што досега не сме виделе. Ќе биде вистински празник за сите генерации, со врвни уметници, многу музика, енергија и забава. Ве поканувам сите – дојдете да славиме заедно!“, порача Ѓорѓиевски.
Следниот ден, на 27 јуни, фокусот се сели во Драчево, каде ќе настапат КУД Китка, Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска и Каролина Гочева.
На 28 јуни, во сабота, сцената во Расадник ја преземаат Next Time, 2Bona и Слаткаристика, додека неделната програма (29 јуни) ќе започне уште од 10:30 часот во паркот „Македонија“ со детска програма, игри без граници и аниматори.
Големото финале е резервирано за неделната вечер во Расадник, каде ќе настапат Теа, 2Exit, а за смеа и добро расположение ќе се погрижат Бојан Велевски и Марјан Ѓорѓиевски со стенд-ап програма. Настаните ќе ги водат Сашко Коцев, Драгана Левенска, Миро Кацаров и Верица Донев.
„Сè на свое место – така ќе изгледа ова културно лето. Ве чекаме!“, заврши Ѓорѓиевски.