Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ, на трибината во Прилеп на тема „Економски раст и дигитална трансформација“ истакна дека по преземањето на Министерството за финансии биле затекнати сериозни проблеми во буџетот, со катастрофален дефицит и необезбедени средства за основни обврски.
„Во моментот кога влеговме во министерството, буџетскиот дефицит беше веќе 70% потрошен, а девизната сметка изнесуваше само 47 милиони евра, што беше алармантно“, рече Кочоска.
Таа додаде дека со навремен ребаланс и одговорен пристап успеале да обезбедат средства за плати, пензии и други законски обврски, кои претходната власт ги занемарила.
„Обезбедивме 4,1 милијарда денари за плати, 5,5 милијарди за пензии и покривме голем број на други трошоци кои претходно не беа предвидени, како и значително зголемување на капиталните инвестиции“, посочи Кочоска.
Таа нагласи дека Владата предводена од Христијан Мицкоски успеала да обезбеди економски раст од 3% за три последователни квартали, главно благодарение на инвестициите и поддршката за приватниот сектор преку развојната банка, каде досега се искористени половина од наменетите 250 милиони евра.
„Посебно внимание посветивме на капиталните инвестиции, кои забележаа раст од 18%, што е клучен фактор за економскиот развој“, заклучи Кочоска.