Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека туристичкиот сектор бележи значителен раст од над 20 проценти во првите четири месеци од годината, што, според него, претставува позитивен сигнал за македонската економија.
„Имаме раст и на бројот на туристи и на бројот на ноќевања за повеќе од 20%. Тоа значи повеќе пари за граѓаните што нудат услуги – угостители, приватни издавачи на сместување и други“, рече Мицкоски, додавајќи дека просечната потрошувачка на еден турист е околу 800 евра надвор од аранжманот.
Тој потенцираше дека Владата активно работи на директни преговори со туроператори, што веќе дало резултати со пристигнување на 40.000 туристи од Западна Европа, што резултирало со околу 160.000 ноќевања надвор од главната сезона, особено во регионот на Охрид.
Премиерот најави уште поголеми резултати следната година: „Очекуваме над 500.000 ноќевања надвор од сезона и повторно двоцифрен раст. Тоа значајно влијае врз БДП и економскиот раст.“
Минатата година, Македонија ја посетиле 1,2 милиони туристи со остварени 3,5 милиони ноќевања, а годинава, според премиерот, се очекува таа бројка да достигне 1,5 милиони туристи и најмалку 4 милиони ноќевања.