Бугарскиот претседател Румен Радев испрати писмо до лидерите на Европската унија, реагирајќи на извештајот за напредокот на Северна Македонија што беше усвоен на седницата на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент. Радев порача дека правата на Бугарите во Северна Македонија не смеат да бидат предмет на политичко пазарење и отфрли каква било промена на веќе постигнатиот европски компромис.
Во писмото, тој изрази загриженост што Европскиот парламент се впушта во, како што ги нарекува, „морални и научни категории“ како што се идентитетот и јазикот, без правна основа или надлежност. Според Радев, ваквите формулации оставаат простор за „слободни толкувања“ кои, како што тврди, веќе ги користат властите во Скопје за наметнување на „етноцентричен националистички наратив“.
Радев ја поздрави одлуката на Европарламентот да не ги поддржи формулациите за „вековен македонски идентитет“, и истовремено го критикува известувачот Илхан Ќучук за „нерегулирани средби“ со македонски политичари и експерти, за кои вели дека предизвикуваат сомнеж во транспарентноста на процесот.
Тој откри дека при гласањето било предложено да се додаде зборот „модерен“ пред „македонски јазик и идентитет“, но дека тоа не било ставено на гласање поради, како што вели, „внимателно подготвени процедурални потези“.
Писмото доаѓа во чувствителен момент за македонско-бугарските односи, во пресрет на потенцијалното отворање на нови поглавја во пристапниот процес на Северна Македонија со ЕУ.