Тројца мажи се уапсени во Србија под сомнение дека подготвувале насилна промена на државната власт, пренесуваат српските медиуми. Според информациите, тие се состанале на 21 јуни во хотел во Кралево, каде, наводно, договарале насилни акции против државни институции и медиуми.
Уапсените, идентификувани со иницијали И. М., Н. А. и Б. М., се сомничат дека планирале вооружен напад врз припадници на полицијата со цел нивно разоружување, како и насилен упад во зградата на Владата на Србија, РТС, телевизиите Хепи и Информер.
И. М. бил фатен во близина на Пожега, во возило „Шкода“, во кое бил пронајден пиштол со избришен сериски број и полн магацин со седум куршуми, како и дополнителна кутија со уште 25 куршуми. Тој ќе се соочи и со обвинение за недозволено носење оружје и експлозивни средства.
Н. А. и Б. М. се уапсени во Крагуевац, а сите тројца во рок од 48 часа ќе бидат изведени пред Вишото јавно обвинителство во Белград. Полицијата трага по уште неколку лица поврзани со случајот.
Според порталот Нова.рс, меѓу уапсените е и потпретседателот на партијата Ново лице Србије (НЛС) и лидер на групата граѓани „Староседелци на Кралево“ – Иван Матовиќ. Неговиот адвокат го потврдил апсењето.