
Украинскиот главен град Киев беше цел на еден од најмасовните руски воздушни напади од почетокот на војната, при што загинаа најмалку 21 лице, а 86 се повредени, меѓу кои и две деца. Според градоначалникот Виталиј Кличко, 70 од повредените се хоспитализирани.
WATCH ON FULL: Russia launched a massive overnight missile and drone attack on Ukraine’s capital, Kyiv.pic.twitter.com/1teaPJkrnf— Breaking911 (@Breaking911)July 2, 2026
Украинската служба за вонредни состојби соопшти дека спасувачките екипи сè уште ги пребаруваат урнатините на повеќе локации, вклучително и делумно урната станбена зграда, поради што постои стравување дека бројот на жртвите може дополнително да се зголеми. Во Киев за 3 јули е прогласен Ден на жалост.
Според украинските воздухопловни сили, Русија во текот на ноќта лансирала 74 ракети и дури 496 беспилотни летала со долг дострел, при што најголемиот дел биле насочени кон Киев. Украинската противвоздушна одбрана успеала да пресретне или електронски да попречи 48 ракети и 476 дронови, но 25 балистички ракети и 12 дронови погодиле 33 локации.
Портпаролот на украинските воздухопловни сили, Јуриј Игнат, изјави дека кон Киев биле истрелани 28 балистички ракети, што претставува најголем број вакви проектили употребени во еден напад врз главниот град од почетокот на руската инвазија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ги посети погодените подрачја, оцени дека Русија се обидува да ги надомести неуспесите на фронтот со напади врз цивилното население.
„Путин ја губи оваа војна. Тој го разбира тоа и единственото што може е да ги заплашува луѓето и да убива цивили со ракетни напади“, изјави Зеленски.
Тој повторно ги повика западните сојузници да ја забрзаат испораката на системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, нагласувајќи дека Украина има потреба од најмалку 140 ракети за овие системи за да може ефикасно да се одбрани од вакви масовни напади.
Во нападот се оштетени станбени згради, хотел, научен институт, деловни објекти, складишта и енергетска инфраструктура. Украинската енергетска компанија ДТЕК соопшти дека делови од градот останале без електрична енергија, а оштетувањата на телекомуникациската инфраструктура предизвикале прекин на интернет-услугите за околу половина милион корисници.
Уништено е и централното складиште на украинската издавачка куќа „BookChef“, во кое се наоѓале околу 800.000 книги.
Во текот на ноќта, рекордни 52.500 граѓани, меѓу кои околу 4.500 деца, побарале засолниште во станиците на киевското метро, додека многумина се криеле и во подземни гаражи.
Од Кремљ, пак, соопштија дека руските сили гаѓале исклучиво „воени или квазивоени цели“, но украинските власти ги отфрлија ваквите тврдења, посочувајќи дека погодени се бројни станбени и други цивилни објекти.

















