
Македонско-американски тим археолози продолжува со интензивните истражувања на археолошкиот локалитет Градиште кај битолското село Црнобуки, каде и годинава се откриени бројни движни и недвижни археолошки наоди што дополнително ја расветлуваат историјата на овој древен македонски град.
Истражувањата ги спроведуваат стручњаци од НУ Завод и Музеј – Битола, во соработка со Универзитетот Кал Поли Хамболд од Арката, Калифорнија, САД.
Раководителот на проектот, советник кустос археолог Енгин Насух, истакна дека секој новооткриен предмет придонесува кон подобро разбирање на животот во античкиот град.
„И оваа година археолошкиот локалитет Градиште кај селото Црнобуки ни ги даде своите дарови. Мноштвото движни и недвижни археолошки наоди повторно ги збогати нашите сознанија за овој древен македонски град. Секоја пронајдена монета, секој сад и секој метален предмет ја раскажуваат приказната за животот на обичните луѓе, за походите на големите генерали и за трговските врски со античките центри како Тесалоника, Пела, Амфиполис и Дирахион. Го откриваме минатото за подобро да ја градиме иднината“, порача Насух.
Во македонскиот тим, покрај Насух, учествуваат Слободан Стојкоски како заменик-раководител, како и Моника Нолева, Славе Стојанов и Стефан Малбашиќ. Американскиот дел од експедицијата го предводи Ник Ангелоф како кораководител, заедно со Џесика Морис и уште 25 студенти и волонтери од САД.
Локалитетот Градиште се наоѓа на околу 12 километри од Битола и претставува значајно археолошко наоѓалиште од периодот на античка Македонија и римската епоха. Минатогодишните ископувања открија слој од доцниот енеолит или почетокот на бронзеното време, како и фрагментирана женска фигурина.

















