
Канада официјално ќе стане нова учесничка на Евровизискиот натпревар за песна и своето деби ќе го има на 71. издание на манифестацијата, кое во 2027 година ќе се одржи во Бугарија.
Одлуката следува откако канадскиот јавен сервис CBC/Radio-Canada стана полноправна членка на Европската радиодифузна унија (EBU), со што доби право да учествува на натпреварот. Канадскиот претставник најпрво ќе настапи во полуфиналето, каде ќе се бори за место во големото финале.
Засега не е познато на кој начин ќе биде избран првиот канадски претставник. Од CBC/Radio-Canada најавија дека до крајот на годинава ќе ги соопштат деталите за националниот избор.
Интересот за Евровизија во Канада веќе подолго време е во пораст. Канадските гледачи редовно гласаат во категоријата „Остатокот од светот“, а годинава земјата беше меѓу трите што испратија најголем број гласови во оваа категорија. Голем број канадски фанови присуствуваа и на овогодинешното издание на натпреварот.
Претседателката и генерална директорка на CBC/Radio-Canada, Мари-Филип Бушар, оцени дека ова е значаен момент за канадската култура, додека директорот на Евровизија при EBU, Мартин Грин, истакна дека приклучувањето на Канада е уште еден доказ дека натпреварот одамна ги надминал европските граници.
Тој потсети и на силната поврзаност на Канада со Евровизија, посочувајќи дека бројни канадски уметници настапувале на сцената на натпреварот, меѓу кои и победничката од 1988 година, Селин Дион.
Со приклучувањето на Канада, ова ќе биде првото проширување на листата на учесници по Австралија, која дебитираше на Евровизија во 2015 година. Организаторите очекуваат новото учество дополнително да ја зацврсти глобалната популарност на музичкиот спектакл.

















