
Силното невреме што вчера го зафати Куманово предизвика поплави во повеќе населби, при што беа зафатени куќи, деловни објекти, подруми и улици. Надлежните служби со часови работеа на испумпување на водата и расчистување на последиците.
Според Регионалниот центар за управување со кризи, најголем број пријави се однесувале на навлегување вода во станбени и деловни објекти. На одделни локации, водата во подрумите достигнала и до еден метар, предизвикувајќи значителна материјална штета.
Меѓу најпогодените се улиците „Моша Пијаде“, „Бајрам Шабани“, „Веселин Маслеша“, „Гоце Делчев“ и „11 Октомври“, како и булеварите „Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ“. Интервенција имало и на улицата „ЈНА“, каде спасувачките екипи работеле на отстранување на надојдената вода.
Во справувањето со последиците беа ангажирани Територијалната противпожарна единица, јавните претпријатија „Чистота и зеленило“ и „Водовод“, како и екипи на ЕВН. По испумпувањето на водата започна чистење на коловозите од кал, песок и чакал, прочистување на шахтите и одводните канали, а на местата каде што дошло до излевање на фекалната канализација беше спроведена и дезинфекција.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, најави дека ќе продолжат активностите за целосно расчистување и санација на оштетените локации.

















