
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска организираше прием за ученичката Искра Нечаковска од гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола, која освои сребрен медал на Европската олимпијада по физика, што се одржа во Шведска.
На приемот присуствуваа и нејзиниот професор и ментор Каранфил Алачев, како и директорката на гимназијата Лидија Споа. Коњановски, од свое лично име и во име на Општина Битола, ѝ упати честитки за извонредниот успех, нагласувајќи дека тој претставува гордост не само за ученичката и нејзиното училиште, туку и за Битола и за Македонија.
„Нејзиниот успех е доказ дека вложениот труд, стекнатото знаење и големата посветеност носат големи резултати и треба да бидат инспирација за сите млади“, истакна Коњановски.
Тој додаде дека Битола се гордее со постигнувањето на Искра Нечаковска и ѝ посака уште поголеми успеси во нејзиното понатамошно образование и научна кариера.

















