
Силното невреме што попладнево го зафати Скопје предизвика сериозни проблеми во повеќе делови од градот. Обилниот дожд за кратко време поплави улици и подвозници, а силниот ветер собори дрвја и оштети делови од фасади.
Под подвозникот кон Бутел, поради големото количество вода на коловозот, автомобил останал заглавен и не можел да го продолжи движењето.
Според информации што ги споделуваат граѓаните, паднати дрвја и делови од фасади има во Центар, Дебар Маало, Ченто, Капиштец, Лептокарија и Карпош 4, при што оштетени се и неколку паркирани возила.
Дополнителни проблеми се пријавени и во сообраќајот, бидејќи не функционираат семафорите на булеварот „Борис Трајковски“ и на крстосницата кај „Раде Кончар“.
Особено тешка е состојбата на потегот од Континентал кон Бит Пазар, каде што има големи количества вода на коловозот. Кај пешачкиот мост во близина на Бит Пазар, водата се прелева преку патот и ги заплискува возилата што се движат кон центарот на градот.

















