Опасниот вирус на Западен Нил, кој го пренесуваат комарци, брзо се шири низ јужна Европа. Италијанските власти потврдија најмалку 32 случаи на заразени лица и два смртни случаи, а нови инфекции се појавуваат и во Грција, што укажува на поширока епидемиолошка закана.
Најголем број на заразени има во покраината Латина, во италијанскиот регион Лацио, југоисточно од Рим. Таму, по тестирање во болницата „Лацаро Спаланцани“, се откриени 12 нови случаи. Освен таму, вирусот е потврден и во регионите Пиемонт, Венето, Емилија-Ромања и Кампања.
Според италијанскиот Институт за јавно здравје (ISS), вирусот е присутен во земјата со години, но оваа сезона се шири на пошироко подрачје од вообичаено. Грција, исто така, бележи нови случаи, што го вклучува алармот и за другите земји од регионот.
Вирусот се пренесува единствено преку убод од заразени комарци, најчесто од видот Culex pipiens, кои се заразуваат хранејќи се со инфицирани птици. Луѓето не се преносители на вирусот, односно болеста не се пренесува од човек на човек.
Во 80% од случаите, заразените немаат симптоми. Кај останатите може да се појават покачена температура, главоболка, болки во мускулите и осип. Потешките форми, како што се менингитис или енцефалитис, се многу ретки и се јавуваат кај помалку од 1% од заразените – најчесто кај постари лица или оние со ослабен имунитет.
Во Хрватска се потврдени два случаи – во Сисак и Петриња. Тамошните здравствени власти, како и во останатите европски земји, апелираат на внимателност.
Бидејќи вирусот најчесто се појавува од јули до октомври, здравствените институции ги повикуваат граѓаните да преземат мерки за заштита:
– отстранување на стоечка вода од дворовите и терасите,
– користење на средства против комарци,
– поставување заштитни мрежи,
– и учество во организирани акции за уништување на комарците.
За вирусот на Западен Нил нема специфичен лек – терапијата се сведува на ублажување на симптомите.