Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша декрет за повлекување на земјата од Отавската конвенција, меѓународен договор што ја забранува употребата, складирањето, производството и преносот на противпешадиски мини. Украина ја ратификуваше оваа конвенција во 2005 година.
Во декретот, објавен на официјалната страница на украинскиот претседател, се наведува: „Се поддржува предлогот на Министерството за надворешни работи на Украина за повлекување од Конвенцијата од 18 септември 1997 година“.
Иако одлуката е потпишана, за нејзино стапување во сила е потребна и согласност од украинскиот парламент. Пратеникот Роман Костенко, секретар на парламентарниот комитет за национална безбедност, одбрана и разузнавање, изјави дека ова е неопходен чекор што го наложува воената реалност.
„Русија не е потписничка на Конвенцијата и масовно користи мини против нашите војници и цивили. Не можеме да бидеме врзани со ограничувања кога непријателот ги нема“, напиша Костенко на својата Фејсбук-страница.
Оваа најава доаѓа во време кога Русија ги интензивира своите офанзиви, користејќи ја бројчаната предност на фронтот. Засега не е прецизирано кога парламентот ќе расправа за повлекувањето.