Министерството за одбрана на Турција соопшти дека турските вооружени сили се целосно подготвени за исполнување на различни задачи во Појасот Газа, во рамките на меѓународното право и за зачувување на мирот. Според соопштението, искуството од претходни мировни мисии ја прави турската армија способна да одговори на различни предизвици.
Најитните задачи ќе бидат дистрибуција на хуманитарна помош и реконструкција на инфраструктурата по двегодишната војна во енклавата. За координатор на активностите за хуманитарна помош е назначен поранешниот директор на турската Дирекција за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД), Мехмет Гулуоглу, кој веќе пристигна во Појасот Газа заедно со својот тим.
Активностите се спроведуваат во координација со сите релевантни структури и единици, со цел да се обезбеди ефикасна поддршка за жителите на палестинската енклава.