Во текот на изминатата недела, битолската јавност беше сведок на серија настани и остри реакции во рамки на предизборната кампања, кои повторно го отворија прашањето за односот кон медиумите, јавната одговорност и двојните стандарди во политичката комуникација.
Се започна со објава на локалниот медиум Апла.мк, кој пред шест дена објави вест со наслов: „Брендирано возило на кандидат за градоначалник на Битола паркирано на пешачка патека“. На фотографијата се гледа камион брендиран со ликот на Габриела Илиевска, кандидатка за градоначалничка од независната иницијатива „Поинаку“.
Под објавата на Фејсбук страницата на медиумот следуваа десетици навредливи коментари насочени кон Апла.мк и новинарката Анета Блажевска. Таа за Шеталиште изјави дека меѓу коментаторите бил и Илија Мирчески, кој во 2021 година бил кандидат за советник на листата на „Поинаку“.

„Извесен Илија Мирчески поддржувач на ‘Поинаку’ и кандидат за советник на ‘Поинаку’ во 2021 година кога носителка беше Габриела Илиевска, сегашна кандидатка за градоначалничка, со вулгарности и гнасотии го нападна порталот Апла.мк, за што веќе се информирани ЗНМ, ОБСЕ и поднесена е претставка до АВМУ“, изјави Блажевска.