Во Полска, со поддршка од осум скандинавски и балтички земји, ќе се гради нов воен центар за обука на украинските војници. Полскиот вицепремиер и министер за национална одбрана, Владислав Кошињак-Камиш, на платформата Икс соопшти дека Варшава потпишала договор за изградба на „Камп Јомсборг“ во рамките на Центарот за обука на полските копнени сили во Нова Дебка-Липа.
Центарот ќе биде наменет за обука на војници на НАТО и украински војници во користење на беспилотни летала. „Потпишавме договор со Норвешка, Данска, Естонија, Летонија, Литванија, Шведска, Финска и Исланд за проширување на центарот за обука. Нашите војници заедно со украинските инструктори ќе учествуваат во обука со беспилотни летала“, истакна Кошињак-Камиш.
Во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, веќе е отворен центар за обука каде што можат да се обучуваат до 1.200 украински војници. Полска засега не се приклучила на програмата „Приоритетна воена листа“ (ПУРЛ) за заедничко снабдување на Украина со оружје, но не ја исклучува таквата можност во иднина.