Пишува: Никола Тасев
Ете заврши долгонајуваната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на Македонија. Се уште се слуша ехото од таа вчерашна нејзина средба со македонскиот државен врв. Во тој оддек има и некои работи што останаа недообјаснети за јавноста.
Да, таа јасно побара смена на Уставот и јасно укажа дека топката е во македонскиот двор, сепак тоа не е нешто ново, напротив многупати сме го слушнале. Но заинтригира кратко напишаното од Фон дер Лајен дека ЕУ е подготвена. И тука е нејаснотијата, а бидејќи избегна средба со новинари се скрати можноста таа да добие прашање – на што конкретно ЕУ е подготвена кога се работи за македонското евроинтегрирање?
Флоскулата – „Целосно ја поддржуваме вашата земја на нејзиниот пат кон ЕУ” и сега ја добивме и многу пати сме ја слушнале низ годиниве. Сега беше добра прилика бриселската функционерка да каже нешто далеку поконкретно и попрецизно – што Македонија да очекува од Брисел за време на преговорите? Тоа објаснување го чекаат и го заслужуваат македонските граѓани, таа може да го даде утре, задутре… Впрочем, Брисел не навикна дека се нешто треба да чекаме. Те од таму да ни дадат датум за датумот, кога ќе ни кажат на кој датум ќе почнеме со нив преговори… те да ни дадат оценка до каде сме со реформите… те да ни дадат нов датум… те да ни дадат нови задачи… те овој еврокомесар што рекол… те оној или овој наш сосед каков услов ќе побара, те…
Урсула вчера ни кажа дека топката е во нашиот двор. Да, ама овој наш двор одамна тие го полнат со топки, а никако конкретно да ни помогнат да направиме рамен терен за игра со Европската Унија. Затоа и останува и ова необјаснето, што тие очекуваат да правиме со топките? Дали да постигнеме гол, или пак да си пикнеме уште еден автогол? Претходните власти добиваа аплаузи од Брисел за давање автоголови. Ама, сега имаме ново државно раководство кое не прифаќа давање автоголови, туку рамноправен натпревар во кој топката за Македонија нема да биде коцкаста, а за некои европски држави округла и полна со магнет да се лепи само на нашиот гол. Така размислува и најголемиот дел од македонското население.
Затоа, Фон дер Лајен ни должи објаснување: Што очекува да правиме со топката и што конкретно ЕУ е подготвена кога се работи за македонското евроинтегрирање?