Американскиот претседател Доналд Трамп ја измени својата позиција во однос на војната во Украина – повеќе не инсистира на моментален прекин на огнот, туку на постигнување траен мировен договор, објави германската агенција ДПА.
„Средбата со рускиот претседател Владимир Путин помина многу добро, исто како и ноќниот телефонски разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со повеќе европски лидери, меѓу кои и високо ценетиот генерален секретар на НАТО“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Тој нагласи дека „најдобриот начин да се стави крај на ужасната војна меѓу Русија и Украина е директно да се премине кон мировен договор, кој би ја завршил војната, а не само кон договор за прекин на огнот“.
Трамп ја оцени посетата на Алјаска како „одличен и многу успешен ден“ и најави дека Зеленски наскоро ќе пристигне во Вашингтон. Според него, доколку преговорите напредуваат, можно е да се организира и нова средба со Путин.
Инаку, пред средбата со рускиот лидер, Трамп инсистираше на итно примирје.