УНЕСКО апелираше до меѓународната заедница да изврши посилен притисок врз талибанските власти за повторно овозможување на образованието за жените и девојчињата во Авганистан, четири години по враќањето на групата на власт.
„Во време кога некои се обидуваат да ги нормализираат односите со Талибанците, ја повикувам меѓународната заедница да остане повеќе мобилизирана од кога било за целосно и безусловно враќање на правото на образование за авганистанските жени,“ изјави генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азулеј.
Таа потсети дека од август 2021 година Талибанците издале повеќе од 70 укази со кои се ограничуваат правата на жените, особено во сферата на образованието.
„Денес Авганистан, за жал, е единствената земја во светот каде што средното и високото образование е строго забрането за девојчињата и жените,“ нагласи Азулеј.
Според податоците на УНЕСКО, околу 2,2 милиони млади жени се лишени од образовни можности поради забраните. Организацијата предупредува дека цела генерација е изложена на ризик, и покрај значајниот напредок во писменоста и посетеноста на училишта во претходните две децении.
Под талибанска власт, образованието за жените е ограничено по завршување на седмо одделение. Дополнително, во декември властите забранија и обуки за жени во медицинската област, иако на неколку места се одржуваат часови за постари девојки, спротивно на официјалните наредби.