УТРО.мк

Ова се барањата на Путин за завршување на војната во Украина

Ова се барањата на Путин за завршување на војната во Украина
Vero

Рускиот претседател Владимир Путин ја предложи рамка за мировен договор со Украина, според која Русија би се откажала од помали делови на окупираните територии, додека Киев би ги предал големите области на истокот што Москва не успеа да ги освои, јавува Ројтерс.

Предлогот беше разгледан на самитот во Алјаска, каде Путин се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп, првата средба меѓу двајцата од почетокот на војната во февруари 2022 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски утре патува во Вашингтон за да разговара со Трамп за можен крај на конфликтот. Трамп истакна дека разговорите со Путин биле насочени кон размена на територии и обезбедување безбедносни гаранции за Украина, но дека конечен договор се уште не е постигнат.

Според изворите, Русија бара Украина целосно да се повлече од Донецк и Луганск, додека Москва би ја замрзнала линијата на фронтот во јужните региони Херсон и Запорожје. Покрај тоа, Кремљ би бил подготвен да врати делови од Харков и Суми, околу 440 квадратни километри, но бара формално признавање на руската власт над Крим.

Русија исто така очекува укинување на дел од санкциите, блокирање на пристапот на Украина во НАТО и обезбедување на безбедносни гаранции. Дел од предложените мерки вклучуваат официјален статус на рускиот јазик и право на слободно дејствување на Руската православна црква во Украина.

Украина, сепак, досега ги отфрли било какви предлози за повлекување од Донецк, каде што украинските сили остануваат добро позиционирани, а територијата служи како клучна одбранбена бариера.

(Извор: Индекс.хр)

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран