И покрај тврдењата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „огромен напредок“ во преговорите за завршување на војната во Украина, висок украински извор посочува дека сè уште постојат најмалку три клучни области на несогласување што можат да влијаат на преговарачкиот процес: територии, демилитаризација и одземање на намерата за членство во НАТО, јави CNN.
Трамп го пофали постигнатиот напредок, додека државниот секретар Марко Рубио оцени дека разговорите во Женева биле „многу позитивни“ и дека „преостанатите точки не се непреодни“. Во меѓувреме, за време на средбата на американскиот воен пратеник со руски официјални лица во Абу Даби, беше објавено дека „Украинците се согласиле на мировен договор“, со напомена дека постојат „мали детали“ кои треба да се разјаснат.
Според украинскиот извор, и покрај консензусот за поголемиот дел од 28-те точки на американскиот мировен предлог, клучните прашања остануваат нерешени. Прво, прашањето за предавање територии во Донбас, кои Русија ги анектирала, но не ги освоила целосно, вклучувајќи и „појас на тврдини“ важен за украинската безбедност.
Второ, се разгледува предлогот украинската армија да се ограничи на 600.000 војници, но Киев бара дополнителни измени пред да го прифати таквото ограничување. Трето, барањето Украина да се откаже од членство во НАТО е „неприфатливо“ за Киев, бидејќи би создало „лош преседан“ и ефективно би ѝ дало право на вето на Русија во воен сојуз во кој не членува.
Териториите, демилитаризацијата и одземањето на НАТО-членството според украинскиот извор претставуваат клучни барања на Русија за завршување на војната, а ситуацијата е далеку од описот на администрацијата на Трамп дека се работи само за неколку преостанати точки или мали детали за решавање.























