Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека претставници на САД ќе одржат два истовремени состаноци – едниот со Русија, другиот со Украина – со цел да се договорат последните спорни точки од американскиот план за завршување на војната во Украина.
„Останаа само неколку точки на несогласување“, напиша Трамп на платформата Truth Social.
Тој соопшти дека му наложил на својот специјален пратеник Стив Виткоф да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, додека министерот за копнена војска Ден Дрискол ќе се состане со украинската страна. Кремљ потврди дека Виткоф се очекува во Москва следната недела. Не е јасно со кого конкретно ќе се сретне Дрискол.
Трамп додаде дека за секој напредок ќе биде информиран тој и потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет и шефицата на кабинетот на Белата куќа Сузи Вајлс.
Американскиот претседател истакна дека се радува на претстојни средби со украинскиот претседател Володимир Зеленски и со Путин, „но САМО кога договорот за завршување на војната ќе биде конечен или во завршна фаза“. Од неговите изјави не е јасно дали планира одделни или заедничка средба со двајцата лидери.























