УТРО.мк

Секој четврти Европеец не може навреме да ги плати сметките

Секој четврти Европеец не може навреме да ги плати сметките
Vero

По години висока инфлација и раст на трошоците за живот, економските притисоци во Европа конечно почнуваат да попуштаат. Но, и покрај подобрувањата, дури 24 проценти од Европејците и понатаму не успеваат навреме да ги подмират своите сметки, покажува најновиот извештај на Intrum за навиките во плаќањето, пренесува Euronews.

Станува збор за значително подобрување во однос на минатата година, кога 37 проценти од граѓаните доцнеа со обврските, но податоците откриваат длабоки разлики меѓу земјите и социјалните групи. Извршната директорка на Intrum TFI, Агњешка Кункел, вели дека Европа денес е јасно поделена на финансиски стабилни домаќинства и оние кои сè уште живеат „од месец на месец“.

„Многу потрошувачи сè уште се во режим на преживување по години економска неизвесност. Неретко избегнуваат да инвестираат или да го зголемат трошењето,“ истакнува Кункел.

Шпанија и Австрија се издвојуваат како најдисциплинирани – 83 проценти од домаќинствата ги подмируваат трошоците навреме. На спротивната страна е Грција, каде тоа го прават само 67 проценти од граѓаните.

Дури 43 проценти од Европејците сметаат дека последните години трајно ја нарушиле нивната финансиска сигурност. Најпогодени се младите – 63 проценти од Генерацијата З признаваат дека доцнењето со плаќањата оваа година било правило, а не исклучок.

Многумина и натаму живеат „од ден за ден“. Само шест од десет испитаници редовно одвојуваат пари за итни случаи, а 29 проценти велат дека постојаните вести за економска нестабилност им предизвикуваат страв и несигурност.

Оваа година повторно како главна причина за доцнење се издвојува – недостигот од пари. Така одговориле 52 проценти од анкетираните, особено младите.

Intrum предупредува и на растечкиот „притисок на амбиција“ кај младите. Социјалните мрежи создаваат нереални стандарди на луксуз и изглед, туркајќи дел од нив кон задолжување за да одржат привид на одреден стил на живот.

Според извештајот, 31 проценти од припадниците на Генерацијата З признаваат дека токму обидот да го следат животниот стил на инфлуенсерите ги донел во долгови.

Иако инфлацијата се намалува, Европа сè уште живее со последиците од долгогодишната криза со трошоците за живот – а најголемиот товар го носат младите и финансиски најранливите.

Dijamant Lotarija
Loto & Dzoker
Green Machines

Сподели го овој напис

Kalinka Lotarija
Dome Sladok Dome
Филигран