Американскиот мировен план од 28 точки за запирање на војната во Украина, кој минатата седмица стана јавно достапен, се темели на документ подготвен од Русија и предаден на администрацијата на Доналд Трамп во октомври – тврдат три извори запознаени со случајот.
Според нив, Русите средината на октомври – по средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон – им доставиле документ на високи американски претставници во кој се наведуваат условите на Москва за завршување на војната, пишува Reuters.
Документот, во дипломатскиот јазик познат како „нон-пејпер“, содржел формулации што руската влада веќе ги изнесувала на преговорите, вклучително и барања кои Украина ги одбила, како предавање на значителен дел од источната територија. Ова е првата потврда дека документот – чие постоење првично го објави Reuters во октомври – претставувал клучен материјал при подготовката на мировниот план од 28 точки.
Белата куќа не го коментираше директно „нон-пејперот“, но се повика на изјавите на Трамп дека е оптимистичен за напредокот на планот.
„Во надеж дека ќе го финализираме овој мировен план, му наложив на мојот специјален пратеник Стив Виткоф да се сретне со претседателот Путин во Москва, додека во исто време секретарот на Армијата Ден Дрискол ќе одржи состанок со Украинците“, напиша Трамп.
Не е јасно зошто и на кој начин администрацијата на Трамп одлучила да се потпре на руски документ при формирањето на сопствениот мировен предлог. Неколку високи американски функционери кои го разгледале документот, меѓу нив и државниот секретар Марко Рубио, сметале дека барањата на Москва ќе бидат веднаш одбиени од украинска страна, велат изворите.
Говорејќи пред новинарите во Женева оваа седмица, Рубио призна дека примил „бројни писмени нон-пејпери и слични материјали“, но без да објасни повеќе. Откако Axios минатата седмица прв објави детали од мировниот план, скептицизмот меѓу американските функционери и законодавци се зголеми – голем дел од нив го гледаат планот како листа на руски ставови, а не како сериозен мировен предлог.
САД, сепак, извршиле притисок врз Украина, предупредувајќи дека би можеле да ја ограничат воената помош доколку Киев одбие да го потпише планот.
Планот барем делумно бил составен на состанокот меѓу зетот на Трамп, Џаред Кушнер, специјалниот пратеник Стив Виткоф и Кирил Дмитриев – директор на еден од руските државни фондови – што се одржал минатиот месец во Мајами. Многу мал број луѓе во Стејт департментот и Белата куќа биле информирани за таа средба.
Во вторникот Bloomberg објави дека Виткоф давал совети на висок руски претседателски советник, Јуриј Ушаков, за тоа како Путин треба да разговара со Трамп. Според транскриптите од телефонските разговори до кои дошла агенцијата, Ушаков и Виткоф уште на 14 октомври алудирале на можен „план од 20 точки“.























