Европскиот парламент усвои извештај во кој се оценува дека Унгарија сè повеќе отстапува од демократските стандарди и се претвора во „хибриден режим на изборна автократија“. Парламентот ја повика Комисијата и Советот на ЕУ поодлучно да реагираат на прекршувањата на владеењето на правото, предупредувајќи дека ситуацијата се влошува поради недостаток на конкретни мерки.
Извештајот, усвоен со 415 гласа „за“, нагласува потреба од активирање на член 7, кој може да резултира со суспендирање на правата на земјата-членка. Известувачката Тинекe Стрик порача дека неодлучноста на европските институции дозволува понатамошна ерозија на демократијата.
Анализирани се 12 области, вклучително изборниот процес, независноста на судството и корупцијата. Парламентот го осудува користењето на ветото од страна на Унгарија како политички притисок, како и повторното преиспитување на пресудите на Судот на ЕУ од страна на унгарскиот Врховен суд.
Критики се упатени и за нарушена судска независност, ограничени граѓански права, фаворизирање провладини медиуми и фактичка забрана на Поворката на гордоста. Пратениците предупредуваат и на растечкиот број политички содржини генерирани со вештачка интелигенција во пресрет на изборите во 2026 година, како и на лажни видеа објавувани на канали блиски до партијата на Виктор Орбан.
Парламентот бара и брза истрага за наводната унгарска шпионажа во институциите на ЕУ, која треба да резултира со конкретни последици.























