И покрај тврдењата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „огромен напредок“ во мировните преговори за Украина, висок украински извор нагласува дека и понатаму постојат три клучни области на несогласување.
Според CNN, спорните точки се: териториите, демилитаризацијата и откажувањето од НАТО.
Трамп го пофали напредокот, а државниот секретар Марко Рубио оцени дека разговорите во Женева биле „многу позитивни“ и дека „преостанатите прашања не се непремостливи“. Од руска страна, по средбата на американската воена делегација со руски претставници во Абу Даби, објавено беше дека „Украинците се согласиле со мировниот договор“, но дека остануваат „мали детали“.
Сепак, високиот украински извор со директен увид во преговорите вели дека разликите меѓу барањата на администрацијата на Трамп и позициите на Киев се сериозни.
Иако е постигнат консензус за поголемиот дел од 28-те точки од американскиот мировен предлог, трите најважни прашања остануваат нерешени:
1. Територијални отстапки
Отворено е прашањето за предавање делови од Донбас кои Русија ги анектираше, но не ги контролира целосно, вклучително и „појасот на тврдини“ важен за украинската безбедност. Постигнат е извесен напредок, но нема усогласена формулација, ниту верзија што Украина ја прифатила.
2. Ограничување на бројот на војници
Америка предлага украинската армија да биде ограничена на 600.000 војници. Разговори има, но Киев бара повисока бројка и дополнителни измени пред да се согласи.
3. Откажување од НАТО
Барањето Украина да се откаже од членството во НАТО е „неприфатливо“ за Киев. Тоа, според изворот, би поставило опасен преседан и би ѝ дало на Русија фактичко право на вето врз Алијансата.
Токму овие три точки – териториите, демилитаризацијата и НАТО – се клучните руски барања за крај на војната. Украинскиот извор нагласува дека ситуацијата е „далеку од описот на администрацијата на Трамп за неколку преостанати прашања или мали детали што треба да се средат“.























