
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран не го контактирал во врска со медиумските извештаи за прекин на мировните преговори, пренесува NBC News.
„Тоа е очекувано, бидејќи тие се подобри преговарачи од борци“, изјави Трамп во краток разговор со новинари.
Тој додаде дека „тоа не значи дека ќе почнат да фрлаат бомби на сите страни“, нагласувајќи дека „блокадата останува на сила“. Според него, во моментот има „премногу разговори“, а „молчењето би било многу добро“.
Изјавите доаѓаат по информациите објавени од полуофицијалната иранска агенција Тасним, според кои иранските преговарачи ќе ги прекинат „разговорите и размената на пораки преку посредници“.
Истата агенција јави и дека Иран вовел блокада на Ормутскиот теснец, како и дека ќе го таргетира Баб ел-Мандеб, стратешки морски премин кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и Индискиот Океан.















