
Патнички авион на компанијата „Еуровингс“ со 157 патници, кој сообраќал на релација од Родос до Келн, влегол во зона на силни турбуленции додека летал на небото над Сараево. Леталото наеднаш почнало силно да се тресе, при што се повредени четири лица и една стјуардеса
Според информациите од специјализираниот портал „Авиејшн Хералд“, драмата започнала во моментот кога пилотите добиле дозвола да го искачат авионот на поголема висина додека се наоѓале над Босна и Херцеговина. При самото искачување, леталото влегло во воздушни вртлози, што предизвикало силен потрес. Како резултат на силниот удар, една од стјуардесите буквално завршила на таванот од авионската кабина. Поради ова, пилотите веднаш го прекинале качувањето и почнале да го спуштаат авионот на пониска алтитуда.
И покрај силниот потрес, екипажот го продолжил летот кон Германија. Портпаролката на авиокомпанијата за „Билд“ потврди дека повредените биле медицински згрижени веднаш по слетувањето во Келн. Поради вонредната проверка и обезбедувањето на податоците од црните кутии, авионот останал приземјен подолго, па следниот лет го реализирал со задоцнување од три и пол часа.
…















