Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека најмалку осум лица, меѓу кои и едно дете, загинаа во масовен руски ракетен напад врз Киев во текот на ноќта.
На социјалната мрежа X, Зеленски соопшти дека екипите за итни интервенции ги расчистуваат урнатините на станбена зграда и трагаат по преживеани. „Ова е уште еден масовен напад врз нашите градови и заедници. За жал, веќе е потврдено дека најмалку осум лица се убиени, а десетици се повредени. Луѓето може сè уште да бидат заробени под урнатините“, изјави тој, пренесе Укринформ.
Зеленски остро ја осуди Москва, велејќи дека „Русија избира балистика наместо преговарачка маса“ и дека „продолжува да убива наместо да ја прекинува војната“.
Според украинските власти, нападот погодил повеќе од 20 локации во различни делови на Киев, меѓу кои Дарнички, Днепровски, Соломјански, Шевченковски, Голосеевски, Оболонски и Десњански.
Најголема штета е регистрирана во станбени згради во регионите Дарница и Днепар. Во областа Дарница дел од покривот на петкатница бил целосно уништен, а спасувачите продолжуваат со операцијата. Оштетени се и згради со девет и 16 ката, приватни куќи, паркинг и градинка.
Спасувачките екипи и понатаму работат на терен, а бројот на жртви би можел да порасне.