УТРО.мк

Нови проблеми за Европската Унија, повторно од Орбан и Унгарија

Нови проблеми за Европската Унија, повторно од Орбан и Унгарија
Vero

Унгарија поднесе тужба против Европската унија поради одлуката приходите од замрзнатите руски средства да се користат за воена поддршка на Украина. Судот на ЕУ ја примил тужбата на 25 август.

Одлуката на Советот на ЕУ предвидува речиси сите камати од замрзнатите руски средства да бидат пренасочени кон Украина преку Европскиот инструмент за мировна поддршка. Се проценува дека станува збор за три до пет милијарди евра годишно. По почетокот на инвазијата, западните земји замрзнаа околу 300 милијарди долари руски државни средства, од кои најголемиот дел се во ЕУ.

Владата на Виктор Орбан бара поништување на одлуката, тврдејќи дека е донесена спротивно на европското право и без почитување на правото на вето на Унгарија. Будимпешта нагласува дека како земја што не учествува во финансирањето на инструментот не може да биде обврзана од неговите одлуки. Постапката може да трае со години, додека помошта за Украина ќе продолжи преку други механизми.

Ова е втора тужба на Унгарија по првата поднесена во јуни 2024 година. Спорот се одвива во услови на заострени односи меѓу Киев и Будимпешта, дополнително влошени по украинските напади со дронови врз нафтоводот „Дружба“, кој ги снабдува со нафта и Унгарија и Словачка.

Од почетокот на војната во 2022 година, ЕУ и земјите членки обезбедија речиси 186 милијарди долари финансиска, воена и хуманитарна поддршка за Украина.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран