Северна Кореја на денешен ден, 27 јули 1953 година, потпиша договор за примирје со Соединетите Американски Држави и Кина, со што беа прекинати борбите во Корејската војна, но формално – таа војна никогаш не заврши. Јужна Кореја никогаш не го потпиша документот, а тензиите меѓу двете земји до денес не стивнуваат.
Новосветлина на обидите за помирување фрлаат тајни документи на ЦИА, објавени во 2009 година, кои откриваат дека токму 70-тите години од минатиот век биле најинтензивни кога станува збор за преговори за обединување.
На 4 јули 1972 година двете Кореи заеднички објавиле изјава во која го претставиле планот за мир и создавање координациско тело. Година дена подоцна, севернокорејскиот лидер Ким Ил-Сунг предложил создавање конфедеративна држава со име „Корео“ – алузија на древната кралска династија што некогаш владеела со целиот полуостров.
Но надежта згаснала во октомври 1983 година, кога во Мјанмар беше извршен обид за атентат врз јужнокорејскиот претседател Чун Ду Хуан. Бомбата експлодирала пред споменик, при што загинале над 20 лица, меѓу кои и четворица јужнокорејски министри. Претседателот бил спасен поради сообраќаен метеж кој го одложил неговото пристигнување. Истрагата откри дека нападот го извеле севернокорејски агенти маскирани како морнари.
Еден од напаѓачите бил убиен, друг бил погубен, а третиот, Канг Мин-Чул, признал вмешаност и бил осуден на доживотен затвор. Случајот предизвика целосен дипломатски прекин меѓу двете Кореи, а иницијативата за создавање заедничка држава – пропадна.
Иако Пјонгјанг официјално ги осуди нападите, некои севернокорејски медиуми дури ширеа теории дека нападот бил инсцениран од јужнокорејските власти за да се прекинат мировните преговори.
Децении подоцна, дипломатските односи останаа замрзнати, сè до неодамнешната неочекувана дипломатска офанзива на Северна Кореја која повторно ја разбуди светската јавност.