УТРО.мк

Израелски офицери и војници му го вртат грбот на Нетанјаху: Расте отпорот против војната во Газа

Израелски офицери и војници му го вртат грбот на Нетанјаху: Расте отпорот против војната во Газа
Vero

Сѐ погласен отпор се шири меѓу редовите на израелската армија, каде сè повеќе војници, резервисти и високи офицери отворено се спротивставуваат на политиката на премиерот Бенјамин Нетанјаху и продолжената воена офанзива во Појасот Газа. Паралелно со се поголемиот меѓународен притисок, во Израел се зголемува бројот на оние што одбиваат да учествуваат во конфликтот, наведувајќи морални, правни и безбедносни причини.

Капетан Рон Фајнер, офицер во елитната бригада Нахал, кој преживеал смртоносен напад во Либан, одби да одговори на повикот за мобилизација во Газа. „Стана јасно дека владата не сака крај на овој конфликт. Тогаш сфатив дека не можам повеќе да бидам дел од ова“, изјави тој за The Telegraph. Иако беше осуден на 25 дена затвор, издржа само една ноќ, поради евакуација на затворот при ракетен напад од Иран.

Фајнер не е осамен. Сѐ повеќе резервисти молчат при повикот на армијата – не одговараат на пораки, се повикуваат на семејни или здравствени проблеми, или едноставно патуваат надвор од државата. Според неофицијални проценки, одзивот паѓа под 60%.

Паралелно, се јавуваат и гласови од врвот на воената хиерархија. Поранешниот генерален стратег на Израелските одбранбени сили, Асаф Орион, изјави дека продолжувањето на војната нема воен легитимитет и е поттикнато од политички калкулации. „Ова одамна не е војна против Хамас, туку борба за политички опстанок на премиерот“, рече и поранешниот заменик на Советот за национална безбедност Еран Етцион.

Генералштабот, предводен од началникот Ејал Замир, наводно изразил сомнеж во ефектот од натамошната офанзива, особено со оглед на ризикот по животите на преостанатите живи заложници. И покрај тоа, премиерот Нетанјаху и натаму инсистира дека само целосното уништување на Хамас е прифатливо решение.

Состојбата дополнително се усложнува со критики од меѓународната заедница. Франција најави признавање на Палестина како држава, додека Обединетите нации го обвинија Израел за прекумерна употреба на сила и загинување на цивили, особено околу пунктовите за хуманитарна помош.

Одбивањето на служба е сѐ почеста појава, а командантите, според израелски медиуми, веќе директно ги контактираат резервистите преку социјалните мрежи и ги молат да се вратат на фронтот. Истовремено, владата се соочува со притисок од ултраортодоксните партии да ги изземе нивните следбеници од воена обврска, што дополнително ја продлабочува кризата.

Сѐ повеќе Израелци сметаат дека војната во Газа ја премина критичната точка на оправданост. Генералот Орион заклучува: „Секоја воена операција има точка кога трошоците ги надминуваат придобивките. Во Газа таа точка одамна е надмината.“

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран