Министерството за енергетика, предводено од министерката Сања Божиновска, најави комплетен законски пакет со кој ќе се постават јасни правила и обврски за сите чинители во енергетскиот сектор. Целта е создавање стабилен, модерен и предвидлив енергетски систем, усогласен со европските стандарди, но прилагоден на македонските реалности и потреби.
Клучен чекор во тој процес е веќе направен со усвојувањето на новиот Закон за енергетика, кој, според министерката Божиновска, е темелот врз кој ќе се гради стабилниот развој на енергетиката во земјата.
До крајот на годината, Министерството ќе работи на донесување уште четири клучни закони:
• Закон за обновливи извори на енергија
• Закон за јавно-приватно партнерство
• Закон за рударство и минерални суровини
• Закон за енергетска ефикасност
„Со јасни правила и силна законска рамка – ја градиме новата, стабилна и европска енергетска иднина на Македонија“, порача Божиновска.
Новите закони се очекува да обезбедат транспарентност, поттик за инвестиции и одржливо управување со енергетските ресурси, со што значително ќе се подобри енергетската безбедност и ефикасност на земјата.