Руската Дума и Советот на Федерацијата го одобрија новиот закон кој предвидува парични казни за граѓани што ќе пребаруваат интернет-содржини кои државата ги смета за „екстремистички“. Законот ќе стапи во сила по потписот на претседателот Владимир Путин, а според него, дури и пасивен пристап до содржина што се наоѓа на официјалната црна листа на Министерството за правда ќе се смета за административен прекршок.
Овој закон е дополнување на веќе строгите механизми за контрола на говорот и медиумите во Русија. Новите казни ќе важат не само за оние што дистрибуираат „забранета“ содржина, туку и за оние што ја пребаруваат. Покрај тоа, ќе се казнува и промоцијата на VPN услуги — главната алатка со која руските граѓани го заобиколуваат државниот интернет-филтер.
Иако властите тврдат дека законот е насочен кон „системско“ пребарување, не е јасно што тоа значи. Граѓанските организации предупредуваат дека законот ќе овозможи произволна интерпретација и злоупотреба од страна на полицијата. „Сѐ ќе зависи од човекот во униформа што ќе ја има моќта да ја толкува вашата вина,“ изјави Дмитриј Заир-Бек од организацијата за човекови права „Прв оддел“.
На листата на екстремистички содржини веќе има над 5.000 ставки — од книги, филмови и музика до објави што ја критикуваат власта. Меѓу нив е и делото на поранешниот агент на ФСБ Александар Литвиненко, но и материјали поврзани со Јеховините сведоци, како и содржини на прогласени странски агенти.
Иронично, дури и личности блиски до Кремљ, како главната уредничка на државната телевизија RT, Маргарита Симоњан, изразија загриженост дека законот ќе ја отежни работата на новинарите и аналитичарите.
Според организацијата „Меморијал“, најмалку 10.000 луѓе во моментов се политички затвореници во Русија, бројка што би можела значително да порасне со новите законски измени. Законот е нов доказ за продлабочување на авторитаризмот во Русија, каде критичкото размислување и дури и пребарувањето информации може да се претвори во криминал.
George Orwell го замисли тоа како фикција. Русија, велат критичарите, го прави реалност.