УТРО.мк

Руските сили го изведоа најсмртоносниот напад на Украина од почетокот на годината

Руските сили го изведоа најсмртоносниот напад на Украина од почетокот на годината
Vero

Најсмртоносен руски напад врз Киев годинава – најмалку 18 загинати

Русија вчера изврши еден од најтешките напади врз главниот град на Украина од почетокот на годината, уништувајќи дел од станбена зграда и предизвикувајќи смрт на најмалку 18 лица, додека 151 се повредени. Според украинските власти, во нападот биле користени стотици беспилотни летала и десетици проектили.

Киев прогласи ден на жалост поради жртвите, а претседателот Володимир Зеленски го нарече нападот „еден од најстрашните од почетокот на војната“. Според официјалните податоци, 16 лица загинале во Киев, а уште две во Одеса.

„Ова е чист тероризам. Светот, САД и Европа мора конечно да реагираат како што цивилизираниот свет реагира на терористи“, изјави Зеленски. Тој соопшти дека Русија лансирала 440 дронови и 32 проектили врз Украина.

„Прашање на живот и смрт“

На самитот на Г7 во Канада, Зеленски повторно апелираше за зајакнување на противвоздушната одбрана.

„Ова е прашање на живот и смрт. Мора да добиеме повеќе ПВО-системи и ракети, но и да почнеме со нивно локално производство во Украина“, нагласи тој.

Мисијата за човекови права на ОН го потврди нападот како најсмртоносен во Киев оваа година и предупреди на сериозната опасност од користење тешко вооружување во урбани средини.

„Синоќешниот напад покажува колку е опасна тактиката на комбинирање дронови и проектили во густо населени подрачја – таа води кон цивилни жртви и огромно страдање“, изјави шефицата на мисијата, Даниеле Бел.

Погодени 27 локации во Киев

Руското Министерство за одбрана соопшти дека целите на нападот биле „воено-индустриски објекти“ во Киевската и Запорошката област. Биле користени проектили од воздух, копно и море, како и беспилотни летала.

Украинските власти информираа дека се погодени најмалку 27 локации во Киев, меѓу кои станбени згради, училишта и клучна инфраструктура. Во Соломјанскиот округ, ракета целосно уништила дел од деветкатна зграда, претворајќи ја во урнатина.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран