Амбасадорот на Иран во ООН во Женева, Али Бахреини, изјави во средата дека Техеран јасно им порачал на Вашингтон дека ќе одговори решително доколку САД директно се вмешаат во израелската воена операција.
Бахреини за медиумите нагласи дека САД ги смета за „соработници во она што Израел го прави“. Според него, Иран поставил црвена линија и ќе реагира ако САД ја преминат, но не прецизираше какви конкретни мерки би предизвикале ирански одговор.
Израел минатиот петок започна воздушна војна, тврдејќи дека има докази дека Иран се приближува до развој на нуклеарно оружје, што Иран категорично го негира. Американскиот претседател Доналд Трамп во вторник повика на „безусловна капитулација“ од страна на Иран.
Бахреини ги оцени изјавите на Трамп како „целосно неоправдани и многу непријателски“. „Не можеме да ги игнорираме. Внимателно ги следиме неговите зборови и ќе ги вклучиме во нашите проценки и одлуки“, изјави тој.
Досега САД дејствувале индиректно, вклучувајќи ја и помошта кон Израел при соборувањето на ракети испукани кон земјата. Американските власти најавија дека ќе испратат дополнителни борбени авиони на Блискиот Исток и ќе го продолжат распоредувањето на воени средства.
„Сигурен сум дека иранските вооружени сили ќе реагираат силно, пропорционално и соодветно. Ние ја следиме мерката на американско вмешување и ќе одговориме кога и да е потребно“, додаде Бахреини.
Според извештаите од иранските медиуми, илјадници луѓе го напуштаат Техеран и другите големи градови, додека конфликтот меѓу Иран и Израел продолжува со ракетни напади.