Полските власти објавија дека започнале со поставување мински полиња долж границата со Русија и Белорусија, како дел од широкиот одбранбен проект „Источен штит“. Станува збор за серија заштитни бариери кои се градат како одговор на зголемените безбедносни закани од источниот правец, особено по руската инвазија врз Украина.
Изградбата на системот започна во ноември минатата година, а моментално работите се одвиваат без прекин – седум дена во неделата. Бариерите ќе се протегаат на повеќе од 20 километри долж границата со руската енклава Калининград, сè до брегот на Балтичкото Море.
Според портпаролката на полската војска, Карол Франковска, овој безбедносен коридор претставува „демонстрација на сила“.
„Ја штитиме нашата граница. Го видовме исходот во Украина. Мораме да бидеме подготвени за можен напад“, изјави таа.
Како членка на НАТО, Полска во изминативе години значително ги засили своите одбранбени капацитети. На север се граничи со Калининград, а на исток со Белорусија. Усниот копнен премин меѓу тие две земји, што води кон Литванија и балтичките држави, често се опишува како „најранлива точка на НАТО“ во евентуален вооружен конфликт.
Мек Ѕверчински, раководител на Одделот за безбедност и меѓународни прашања при „Polityka Insight“, го поздрави напредокот на проектот.
„Пред нашите очи се создава нова поделеност на Евроазија“, оцени тој.
Државниот секретар на Полска, Цезари Томчик, најави дека проектот „Источен штит“ ќе биде целосно завршен во наредните три години. Проектот веќе доби значајно финансирање од полската влада, како и поддршка од Европската унија. Во март, Министерството за одбрана на Полска соопшти дека Европската инвестициска банка принципиелно се согласила да одвои една милијарда евра за оваа намена.
Покрај минските полиња, „Источниот штит“ вклучува и поставување противтенковски бариери, изградба на утврдени засолништа и бункери.