Европската унија ќе го прекине увозот на руски гас и нафта до крајот на 2027 година, во рамки на план за постепено и ефикасно намалување на зависноста од руските фосилни горива. Целта е зајакнување на енергетската независност и конкурентноста на блокот, како и намалување на економските и безбедносните ризици поврзани со досегашната зависност од Русија.
Според предлог-законот што го усвои Европската комисија, од 1 јануари 2026 година ќе биде забрането склучување нови договори за увоз на руски гас. Увозот врз основа на постојните краткорочни договори ќе биде стопиран до 17 јуни 2026 година, со исклучок за гас кој преку гасоводи се доставува до земји без излез на море – во тие случаи ќе биде дозволен до крајот на 2027 година, доколку се работи за долгорочни договори.
Увозот по сите долгорочни договори ќе биде целосно укинат до крајот на 2027 година, потврди Европската комисија.
Дополнително, ќе бидат забранети долгорочни договори за користење на терминали за течен природен гас (LNG) во ЕУ, доколку купувачите се руски компании или се под руска контрола. Ова ќе обезбеди пренасочување на капацитетите кон алтернативни добавувачи.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласи дека Русија повеќепати се обидела да ја уценува ЕУ со енергетски ресурси.
„Презедовме јасни чекори да ги затвориме енергетските славини и засекогаш да ставиме крај на ерата на руско фосилно гориво во Европа“, изјави таа.
Во придружната анализа се наведува дека мерките се дизајнирани така што ќе се зачува енергетската безбедност на ЕУ и ќе се минимизираат влијанијата врз цените и пазарот.
Комисијата, исто така, ќе бара од земјите членки да изработат конкретни планови за диверзификација на енергетското снабдување, со јасни мерки и рокови за постепено исклучување на рускиот увоз. Посебна поддршка ќе добијат оние земји што ќе бидат најдиректно погодени од новата регулатива.
Предлог-уредбата треба да биде одобрена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ, при што во Советот е потребно квалификувано мнозинство за нејзино усвојување.