Русија спроведе симулација на ракетен напад врз Полска во рамки на големата заедничка воена вежба „Запад 2025“ со Белорусија, пренесува Defence Blog.
Сценариото предвидувало користење на балистички ракетни системи „Искандер“, стационирани во Калининградската област. Лансирните возила биле поставени директно на јавни патишта, со подигнати ракети подготвени за истрел, што довело до привремено затворање на сообраќајниците.
Со ваквата позиционираност, „Искандерите“ можат да погодат цели во шест членки на НАТО – Полска, Литванија, Латвија, Естонија, Шведска и Германија. Според воените аналитичари, маневрите претставуваат тактичка проба на брзо распоредување и способност за удар врз потенцијални цели на територијата на Алијансата.
Западните експерти укажуваат дека „Запад 2025“ не е само обука, туку и форма на политички и воен притисок врз соседните држави. Во Полска ваквите маневри предизвикуваат особена загриженост, особено по последниот инцидент кога 15 руски дронови преминаа во полскиот воздушен простор, од кои само три биле соборени.
Москва инсистира дека вежбите имаат одбранбен карактер, но демонстрацијата на ракетни операции насочени кон НАТО земји се толкува како ескалација и предупредување. Присуството на „Искандер“ со можност за нуклеарно вооружување дополнително ја засилува вознемиреноста на источниот фронт на Алијансата.
Симулацијата врз Полска, клучна членка на НАТО во регионот, се смета за јасен сигнал за засилување на руската стратегија на психолошки и воен притисок.