Полската армија и сојузничките сили денеска кренаа борбени авиони во рамки на превентивна операција во националното воздушно пространство поради можни удари со дронови во украински области блиску до границата, соопштија властите во Варшава.
Оперативната команда информира дека противвоздушната одбрана и разузнавачките системи се во состојба на зголемена готовност. „Станува збор за акција од превентивен карактер со цел заштита на граѓаните и безбедноста на воздушното пространство,“ се наведува во соопштението.
Полскиот премиер Доналд Туск преку социјалните мрежи потврди дека овие операции се преземени поради заканата од руските дронови во соседна Украина.
Во источниот град Љублин, аеродромот беше затворен поради активност на воената авијација, потврди локалната администрација.
Операцијата следува по инцидентот во средата, кога повеќе руски дронови влегоа во полското воздушно пространство, што ја натера НАТО да испрати ловци за нивно пресретнување.